Животна средина

Зголемени концентрации на штетни гасови по пожарот во Трубарево, најавени темелни проверки

15.09.2025 19:24

Пожарот во Трубарево ослободи двојно до тројно повеќе штетни гасови во воздухот – јаглероден моноксид, диоксид и азотни оксиди. Државата најавува темелни проверки на почвата и водите, засилен инспекциски надзор и строги мерки за да се спречат идни еколошки хаварии …

Имало зголемени концентрации на штетни гасови во атмосфера на денот на пожарот во складиштето за отпад и третирање на истиот во Трубарево, покажуваат анализите на Државниот инспекторат за животна средина и тоа за два до три пати, особено на јаглероден моноксид, јаглероден диоксид и азотни оксиди.

За мерењата за тешки метали во почвата и подземните води допрва ќе се земаат мостри, зашто сè уште се расчистува теренот, вели директорката на Државниот инспекторат а животна средина. Првични анализи за аеросоли во воздухот може да се очекуваат наредната недела.

Според директорот на Uправата за животна средина, Игор Никовски, фирмата имала легална дозвола за третман на опасен и неопасен отпад во траење од 2021-ва година, а дозволата му завршува идната година во мај. Вели, документацијата од фирмата е предадена на полицијата и Обвинителството за понатамошно испитување.

Според министерот за животна средина, државата ги презема сите мерки во иднина да не се случуваат вакви хаварии. Ќе се засилат инспекциските надзори и над „Вардариште“ и депонијата „Дрисла“.

Во фирмата во Трубарево се извршени три редовни инспекциски надзори во кои не биле утврдени нерегуларности. Во земјава има педесетина фирми кои се занимаваат со складирање и третман на опасен и неопасен отпад.

Игор Панов