Муртезани на состанок на ГАК во Брисел посветен на владеењето на правото на Западниот Балкан
Муртезани денеска во Брисел заедно со неговите колеги од Албанија, Србија и Црна Гора ќе учествува на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК), на кој една од точките се и извештаите на Европската комисија за владеење на правото во 2025 година...

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Брисел заедно со неговите колеги од Албанија, Србија и Црна Гора ќе учествува на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК), на кој една од точките се и извештаите на Европската комисија за владеење на правото во 2025 година.
Како што најави Министерството за европски прашања, предвидено е на состанокот да се разговара за состојбите во четирите области опфатени со Извештајот на ЕК за владеење на правото – судскиот систем, борбата против корупција, медиумскиот плурализам и слободата на медиумите и останатите институционални прашања поврзани со контролните механизми.
Во Извештајот се посочува дека земјава продолжи да ги спроведува судските реформи и презеде мерки за подобрување на транспарентноста во судството, но остануваат „одредени загрижености“ во врска со одлуките за именување и притисок врз судството.
