БЛИСКИ ИСТОК

Израел ги интензивира нападите врз Газа

16.09.2025 09:18

Израелскиот министер за одбрана, Кац, изјави дека офанзивата продолжува со цел да се создадат услови за ослободување на заложниците и пораз на Хамас. Во последните денови, воздушните напади се интензивираа врз станбените и згради за кои Израел тврди дека ги користи Хамас...

Интензивни напади од воздух и од копно во Газа во текот на ноќта. Израелскиот министер за одбрана, Кац, изјави дека офанзивата продолжува со цел да се создадат услови за ослободување на заложниците и пораз на Хамас.

Во последните денови, воздушните напади се интензивираа врз станбените и згради за кои Израел тврди дека ги користи Хамас. Воените дејствија следуваат по посетата на државниот секретар на САД, Рубио, на Израел.

„Израелците почнаа да преземаат операции, па мислиме дека имаме многу краток временски период во кој може да се постигне договор. Немаме повеќе месеци, веројатно имаме денови, а можеби и неколку недели, па затоа е клучен момент. Нашиот избор број еден е ова да заврши преку договорено решение“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Советот за соработка на Заливските земји на итниот состанок по израелскиот напад во Доха, повика САД да го искористат своето влијание врз Израел. Државите согласни, да преземат ефикасни мерки за да го спречат Израел да продолжи дејствија против палестинскиот народ.

Во меѓувреме израелскиот премиер ги обвини големите исламистички малцинства во Западна Европа дека вршат притисок врз владите со насилни протести и постојано заплашување. Според Нетанјаху Израел е под опсада од неколку држави, вклучувајќи ги Кина и Катар.