Израел ја засилува офанзивата во Газа, нови напади од копно и воздух
Израел ја засилува офанзивата во Газа. Нови напади од копно и воздух. Под оган и седиштето на Хезболах во јужен Либан. Државниот секретар на САД, Рубио предупреди – Хамас има само неколку дена да прифати договор за прекин на огнот. Семејствата на заложниците на нов протест во Ерусалим, стравуваат дека новите акции на Нетанјаху ќе ги загрозат киднапираните. Советот за соработка на заливските земји побара итен прекин на агресијата врз Палестинците и санкции за Тел Авив.

Газа гори. Воените дејствија засилија, израелската војска почна копнена офанзива во градот, најголемиот урбан центар во енклавата. Напади и врз седиштето на Хезболах во јужен Либан. Државниот секретар на САД, Рубио предупреди дека Хамас има само неколку дена да прифати договор за прекин на огнот.
„Израелците почнаа да преземаат операции, па мислиме дека имаме многу краток временски период во кој може да се постигне договор. Немаме повеќе месеци, веројатно имаме денови, а можеби и неколку недели, па затоа е клучен момент. Нашиот избор број еден е ова да заврши преку договорено решение“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Според израелскиот министер за одбрана Кац, нападите имаат за цел да создадат услови за ослободување на заложниците и пораз на милитантнта група. Во Газа се држат 48 заложници, од кои се верува дека 20 се живи. Хамас уверува дека ќе ги ослободат киднапираните само во замена за палестински затвореници, траен прекин на огнот и повлекување на Израел од Газа.
„Вчера вечерта, бомбардирањата врз Газа се интензивираа. Нашите најблиски во Газа се бомбардирани од страна на израелските одбранбени сили по наредба на премиерот. Тој прави се за да се осигури дека нема договор и да не ги врати назад“, изјави мајка на заложник.
Израелскиот премиер вели, неговата змеја е под опсада од неколку држави, вклучувајќи ги Кина и Катар, а целта на нападот во Доха врз Хамас бил негова одлука.
„Тоа беше одлука донесена од мене и нашите врвни шефови на безбедносните сили. Ја спроведовме и преземаме целосна одговорност за неа бидејќи веруваме дека на терористите не треба да им се даде засолниште“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Советот за соработка на Заливските земји повика САД да го искористат своето влијание врз Израел. Во завршна декларација се бара итен прекин на агресијата врз Палестинците и санкции за Тел Авив.
„Се повикуваат сите мирољубиви земји во светот да ги осудат израелските злосторства во Катар, Газа и останатите палестински територии“, изјави Јасим ал-Бадави, генерален секретар на Советот за соработка во Заливот.
Војната во Газа почна кога Хамас извршија напад во јужен Израел на 7-ми октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе, претежно цивили, и киднапирајќи 251 лице.
Маријана Димовска
