Македонија

Министерствата со намалена транспарентност, општините на исто ниво како лани

16.09.2025 11:57

Според резултатите, министерствата и Владата бележат пад на транспарентноста – од 86 % лани, годинава на 84 %. Општините остануваат на 79 % активна транспарентност, идентично како во 2024 година. Од друга страна, дури 44 % од институциите ја влошиле транспарентноста, наспроти 19 % минатата година.

Активната транспарентност на министерствата е намалена во однос на минатата година, додека кај општините останува на исто ниво – покажува најновото годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации.

Индексот опфати 102 институции – Владата, сите министерства и сите општини, а просечното ниво на активна транспарентност за 2025 година изнесува 80 отсто, исто како и минатата година.

Според резултатите, министерствата и Владата бележат пад на транспарентноста – од 86 % лани, годинава на 84 %. Општините остануваат на 79 % активна транспарентност, идентично како во 2024 година. Од друга страна, дури 44 % од институциите ја влошиле транспарентноста, наспроти 19 % минатата година.

Меѓу институциите со највисоки резултати, Министерството за одбрана петта година по ред го задржува максималниот резултат од 100 %, а годинава со 100 % се приклучува и новоформираното Министерство за дигитална трансформација. Кај општините, првото место со максимални резултати го задржаа само Кавадарци и Кичево, за разлика од лани кога на врвот беа пет општини.

Источниот регион останува најтранспарентен со 88 %, а најслабо рангиран е Полошкиот со 71 %, бележејќи пад во однос на минатата година.

Најмалку информации се објавуваат во делот на финансиите – министерствата само 58 %, а општините 59 % од можните 100 %.

Централна забелешка во извештајот е доцнењето со одговори по барања за слободен пристап до информации. Општините одговориле просечно за 21 ден (лани 15), а министерствата за 23 дена (лани 14), иако законскиот рок е 20 дена. Само 54 % од институциите одговориле навремено, наспроти 71 % минатата година.