Жестоки руски напади врз Украина
Во Запорожје опожарени станбени згради – Зеленски го повика Трамп да заземе јасна позиција за да го запре Путин и да ја заврши војната во Украина.

Беснее војната во Украина-во последните руски воздушни напади врз Запорожје и Краматорск има жртви и ранети, меѓу нив и деца. Во Запорожје опожарени станбени згради – Зеленски го повика Трамп да заземе јасна позиција за да го запре Путин и да ја заврши војната во Украина.
„Пред да ја завршиме војната, навистина сакам да бидат склучени сите договори. Сакам да имаме документ што ќе биде поддржан од САД и сите европски партнери. За да се случи ова, ни треба јасна позиција од претседателот Трамп“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
По веста дека е урнат руски дрон над зградата на полската влада, двајца државјани на Белорусија поврзани со инцидентот се уапсени – Велика Британија ќе распореди борбени авиони, како одговор на ескалирањето на безбедносната ситуација.
„Постапките на Русија се неоправдани и опасни. Велика Британија ќе игра клучна улога во одвраќањето на руската агресија и ако биде неопходно, ќе го брани воздушниот простор на НАТО“, изјави Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.
Русија тврди дека полска не била цел на нападот, но европските лидери уверени дека инвазијата била намерна. Американскиот државен секретар најави можна средба на Трамп и Зеленски следната недела во Њујорк.
„Трамп е единствениот лидер во светот кој има капацитет да разговара и со Украина и со Европа, како и со Русија. Американскиот претседател ќе продолжи со своите напори за наоѓање решение за украинскиот конфликт“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Додека дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон продолжуваат на различни нивоа, земјите од Европската унија размислуваат за воведување целосна забрана за влез на руски туристи и дипломати, како дел од 19-тиот пакет санкции. Сепак, носењето на новиот пакет санкции беше одложено.
Катерина Бојаџиевска
