Блиски Исток

Нетанјаху не исклучува нови напади врз Хамас надвор од Газа

16.09.2025 16:08

Израелската армија започна копнена офанзива за освојување на градот Газа. Нетанјаху не исклучува нови напади врз Хамас надвор од појасот, како оној извршен во Катар. Тој ова му го соопшти на американскиот државен секретар. Рубио не губи надеж дека решение преку проговори е сè уште можно – арапските и исламските лидери со осуда за Тел Авив...

Газа гори. Воените дејствија засилија, израелската војска почна копнена офанзива во Газа, најголемиот урбан центар во енклавата. Напади и врз седиштето на Хезболах во јужен Либан. Државниот секретар на САД, Рубио предупреди дека Хамас има само неколку дена да прифати договор за прекин на огнот.

„Израелците почнаа да преземаат операции, па мислиме дека имаме многу краток временски период во кој може да се постигне договор. Немаме повеќе месеци, веројатно имаме денови, а можеби и неколку недели, па затоа е клучен момент. Нашиот избор број еден е ова да заврши преку договорено решение“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Според израелскиот министер за одбрана Кац, нападите имаат за цел да создадат услови за ослободување на заложниците и пораз на милитантната група. Во Газа се држат 48 заложници, од кои се верува дека 20 се живи. Хамас уверува дека ќе ги ослободат киднапираните само во замена за палестински затвореници, траен прекин на огнот и повлекување на Израел од Газа.

„Вчера вечерта, бомбардирањата врз Газа се интензивираа. Нашите најблиски во Газа се бомбардирани од страна на Израелските одбранбени сили по наредба на премиерот. Тој прави се за да се осигури дека нема договор и да не ги врати назад“, изјави мајка на заложник.

Израелскиот премиер вели дека неговата змеја е под опсада од неколку држави, вклучувајќи ги Кина и Катар, а целта на нападот во Доха врз Хамас бил негова одлука.

„Тоа беше одлука донесена од мене и нашите врвни шефови на безбедносните сили. Ја спроведовме и преземаме целосна одговорност за неа бидејќи веруваме дека на терористите не треба да им се даде засолниште“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Советот за соработка на Заливските земји повика САД да го искористат своето влијание врз Израел. Во декларација се бара итен прекин на агресијата врз Палестинците и санкции за Тел Авив. Во меѓувреме, ООН објави извештај во кој го обвинуваат Израел за геноцид во Газа.

„Целта на израелската влада е сосема јасна додека продолжуваме да бидеме сведоци на уништувањето на Палестинците во Газа. Комисијата смета дека тоа е геноцид и дека изјавите дадени од израелските власти се директен доказ за геноцидна намера. Израел сноси одговорност за неуспехот да се спречи геноцидот, за извршувањето и за неуспехот да се казни геноцидот врз Палестинците во Појасот Газа“, изјави Нави Пилај, претседател на Советот за човекови права на ООН.

Војната во Газа почна кога Хамас извршија напад во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе, претежно цивили, и киднапирајќи 251 лице.

Израелската армија започна копнена офанзива за освојување на градот Газа. Нетанјаху не исклучува нови напади врз Хамас надвор од појасот, како оној извршен во Катар. Тој ова му го соопшти на американскиот државен секретар. Рубио не губи надеж дека решение преку проговори е сè уште можно – арапските и исламските лидери со осуда за Тел Авив.

 

Маријана Димовска