Продолжи судскиот процес против струшкиот градоначалник за незаконско поставување директор
Три судски рочишта против струшкиот градоначалник Мерко. Две за незаконско поставување на директори во училиштата едно за поставената спомен-плоча на општинската зграда. Спорната директорка на училиштето во Велешта која се товари за фалсификувана диплома, вели има многу случаи во државата, во недостиг на кадар да се вработуваат апсолвенти …

Продолжи судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за незаконско поставување директори. Исказ даваше спорната директорка на училиштето во Велешта, Егзона Шеи, која се товари дека употребила фалсификувана исправа.
Одбраната тврди дека имало многу вакви случаи, во државата во услови на недостиг на кадар да се вработуваат апсолвенти, лица без дипломи.
„Таа кажа дека вакви случаи за вработување на наставници со апсолвентски стаж има многу случаи. Спомна дека државата би требала да се позабави со евентуално проблеми со дипломи и така на така“, вели Димитрија Цобоски, адвокат на обвинетата.
Денес се одложи судското рочиште за поставената плоча на општинската зграда, во кое Мерко се товари дека поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга.
„Чекаме исход од постапката под тужбата којашто е поднесена од Општината Струга против решението на Комисијата за заштита од дискриминација. Тој предмет во моментот, според известување којшто го имам добиено од Управниот суд, веќе од нивна страна е решен, меѓутоа е обжален“, изјави судијата Јордан Јованов.
Во јуни годинава беше изречена првата обвинителна пресуда, за Мерко, парична казна од 10.000 евра за незаконското поставување на директори во три училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.
Соња Рилковска
