Македонија

Почнува увидот за пожарот во Трубарево

16.09.2025 18:02

Утре почнува увидот за пожарот во Трубарево. Од терен се подигнуваат докази. Притворот на четворицата уапсени, меѓу кои се и одговорните во фирмата за складирање електронски отпад е продолжен. Во Македонија неодамна се промени законот – ако се докаже кривично дело „екоцид“, можни се и доживотни казни затвор...

Основното јавно обвинителство почнува со увидот во Трубарево, во објектот за складирање електронски отпад. По наредба на јавниот обвинител, екипи на СВР Скопје на терен прибираат докази, потребни за постапката за загрозување на животна средина со отпад. Побарано и продолжување на притворот на четворицата уапсени, меѓу кои се и одговорните во фирмата.

Експертите од Животна средина ја анализираат почвата за тешки метали и загадување на воздухот.

Министерот Тошковски најави темелна истрага за причините за пожарот во Трубарево. Ќе се преземат и превентивни мерки за сите легални и диви депонии.

МВР внимателно ја следи ситуацијата по информациите за хибридни напади преку пожарите.

Пожарот во Трубарево е целосно локализиран.

Според Законот за батерии и акумулатори, сите батерии требало да бидат сместени во посебен сад и да не се на отворен простор.

Ако во случаите со пожарите се утврди дело „Екоцид“, по Кривичен Закон, ќе бидат изречени затворски казни.

„Тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широко распространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор.“ - „Екоцид“ член 218-б.

Ако се утврди вина на трговците, Законот предвидува и парични казни од 9.000 евра до 28.000 евра. Министерот за животна средина побара од општините да се најдат и да се санираат сите диви депонии, а Државниот инспекторат итно да преземе активности поврзани со контролата и управувањето со депониите на државата.

 

Борис Грујоски