Велес

Крвавата љубовна разврска со двојно убиство и самоубиство ги вознемири велешани

16.09.2025 18:42

Обвинителството од Велес не добило известување дека сторителот на двојното убиство не ги почитува мерките за неприближување кон поранешната партнерка. Пред некој ден изречената пресуда за сторителот – условна затворска казна за две кривични дела од обвинетиот врз поранешната партнерка, добиена е утрово во Обвинителството...

Од велешкото Јавно обвинителство информираа дека тие немаат известување дека сторителот на убиствата и поранешен партнер на убиената девојка, не ги почитувал изречените мерки. Утрово обвинителството ја добило изречената пресуда од Основен суд Велес за две кривични дела кој ги сторил над поранешната партнерка. За загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство и за насилство, обвинетиот добил условна затворска казна.

„Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес нареди и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената“, пишува во соопштението на ОЈО Велес.

Претходно оштетената го пријавила обвинетиот во ОЈО Велес дека и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18 мај се приближил до нејзиниот дом, го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес издал наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР сè уште постапува. Крвавата љубовна разврска ги вознемири велешани.

Двојното убиство и самоубиство, извршено со нож, од поранешниот партнер врз неговата девојка и татко и се случи вчера во попладневните часови.

Петар Печков