Свет

Почина холивудската легенда Роберт Редфорд

16.09.2025 17:46

Редфорд ја доби својата единствена награда „Оскар“ за режија во 1981 година со филмот „Обични луѓе“, а во 2002 година му беше доделен и почесен „Оскар“ за животно дело.

Холивудската легенда Роберт Редфорд почина на 89-годишна возраст, објави „Си-ен-ен“. Актерот, режисер и продуцент остави длабока трага во филмската индустрија со улоги во култни остварувања како „Буч Касиди и Санденс Кид“ и „Сите луѓе на претседателот“.

Роберт Редфорд почина на 16 септември во својот дом во Санденс, во планините на Јута – местото што го сакаше, опкружен со оние што ги сакаше. Многу ќе ни недостига. Семејството замолува за приватност во овие мигови – изјави неговата портпаролка Синди Бергер за „Си-ен-ен“.

Редфорд ја доби својата единствена награда „Оскар“ за режија во 1981 година со филмот „Обични луѓе“, а во 2002 година му беше доделен и почесен „Оскар“ за животно дело.

Неговата страст кон уметноста на филмот доведе до основање на Институтот „Санденс“, непрофитна организација што поддржува независна кинематографија и театар и е најпозната по престижниот Филмски фестивал „Санденс“.

Покрај филмската кариера, Редфорд беше и посветен екологист. Во 1961 се пресели во Јута, каде активно учествуваше во иницијативи за заштита на природата и зачувување на пејзажот на американскиот Запад.

Роден е во Санта Моника, Калифорнија, во 1936 година. Големиот пробив го доживеа во 1969 со улогата покрај Пол Њуман во вестернот „Буч Касиди и Санденс Кид“, кој освои четири „Оскари“. Подоцна, во 1973 година, повторно се здружи со Њуман во „Бодежот“, филм кој ја доби наградата „Оскар“ за најдобар филм.

Редфорд често истакнуваше дека на Њуман му должи голем дел од својата кариера, а нивното пријателство траеше доживотно.