Украина

Одобрени првите пакети американска воена помош во Украина

17.09.2025 08:53

Првите пакети американска воена помош за Украина од администрацијата на Трамп се одобрени...

Првите пакети американска воена помош за Украина од администрацијата на Трамп се одобрени-објави Ројтерс. Помошта е дел од нов механизам што дозволува испорака на оружје од американските залихи, финансирана од други НАТО-сојузници. Зеленски вели дека очекува светот да извлече заклучоци по интензивните руски напади, повикувајќи ги европските лидери да го направат континентот безбеден со изградба на амбициозен чадор за воздушна одбрана, повторно апелирајќи да ги заострат економски санкции кон Русија.

„Ако нема вистински одговор од светот на долготрајната војна на Русија, ако санкциите и царините се одложат, и руската армија неказнето лансира беспилотни летала дури и над Полска, Путин ќе продолжи да го доживува ова како дозвола за борба“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Трамп ги оцени постојните европски санкции како недоволни и побара од земјите веднаш да престанат да купуваат руска нафта и да воведат санкции кон Кина бидејќи ја поддржува Русија.

„Зеленски ќе мора да склучи договор, а Европа мора да престане да купува нафта од Русија“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Трамп додаде дека во идните преговори меѓу Москва и Киев веројатно ќе мора да биде во иста просторија со двете страни, бидејќи „не можат да бидат заедно“. Кремљ, пак, порача дека е прерано да се зборува за трилатерален самит Русија – Украина – САД, сè додека Киев не одговори на предлозите на Москва.