Блиски Исток

Нетанјаху добил покана за средба со Трамп

17.09.2025 09:23

Нетанјаху соопшти дека добил покана од американскиот претседател Трамп за средба во Белата куќа на 29 септември, три дена по неговото обраќање на Генералното собрание на ОН...

Израелскиот премиер Нетанјаху соопшти дека добил покана од американскиот претседател Трамп за средба во Белата куќа на 29 септември, три дена по неговото обраќање на Генералното собрание на ОН. Го предупреди Хамас дека ќе се соочи со сериозни последици доколку им наштетат на заложниците додека израелската офанзива продолжува во градот Газа.

„Само ако фали влакно од главата на еден заложник, ќе ги ловиме уште посилно, до крајот на нивниот живот. Нема да имате засолниште, нашите напори ќе бидат удвоени и ќе стигнеме до вас многу побрзо отколку што мислите“, изјави Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел.

Офанзивата ќе продолжи онолку долго колку што е потребно – соопшти војската на Израел. Објавија отворање втора рута за евакуација на цивилите за кои тврдат дека Хамас ги користи како жив штит.

„Концентрираме офанзивни напори во градот Газа, кои ќе продолжат колку што е потребно. Продолжуваме да ги поттикнуваме цивилите да се дистанцираат од борбените зони во градот Газа за да можат да стигнат до побезбедни области. Но Хамас го експлоатира цивилното население како човечки штит. Ги спречува да се евакуираат користејќи насилство“, изјави Ефи Дефрин - портпарол на израелската војска.

Трамп го предупреди Хамас за постапките, велејќи дека ќе бидат во голема неволја. Катар пак обвини дека Нетанјаху одлучил да не го следи патот кон мирот. Во истовреме, протести пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим. Семејствата бараат договор за заложниците.