ЕК со санкции против Израел, нападите во Газа продолжуваат
Израелската војска ја почна следната фаза од операцијата во градот Газа. За палестинското население отворена втора рута за евакуација. Европската комисија најави нови санкции против Израел поради војната во енклавата...

Експлозии и облаци чад се издигаат над Газа-израелската офанзива во градот продолжува. Погодени над 50 цели во текот на ноќта. Илјадници Палестинци во трка со времето брзаат да ја напуштат областа. Бројот на жртви и повредени расте. Болниците преполни.
„Приливот на пациенти и повредени во болницата Ал-Шифа се зголемува, бројките се огромни. Нема доволно кревети за пациентите, а ние сме принудени да ги лекуваме на подот“, изјави Исмаил Рамадан- лекар за итни случаи во болница Ал-Шифа.
„Бев застрелан во ногата. Ситуацијата е многу тешка. Лежам на подот еден час, не можам ништо да направам. Многу сум уморен, се колнам. Помогнете ни луѓе и спасете нè“, изјави повреден маж.
Офанзивата ќе продолжи онолку долго колку што е потребно, седиштето на Хамас е во центарот на градот – соопшти израелската војска. Отворена втората рута за евакуација на цивилите. Според Тел Авив нив милитантите ги користат како жив штит.
„Ќе бидат потребни неколку месеци за да се преземе контролата врз градот кој е центар на воената и владејачката моќ на Хамас – нивното главно упориште. Го претворија градот во најголемиот човечки штит во историјата. Го експлоатираат цивилното население, насилно спречувајќи ги да се евакуираат. Продолжуваме да ги поттикнуваме цивилите да се дистанцираат од борбените зони во градот Газа за да можат да стигнат до побезбедни области“, изјави Ефи Дефрин -портпарол на израелската војска.
Нетанјаху му се закани на Хамас дека ќе се соочи со сериозни последици доколку им наштети на заложниците за време на офанзивата. Најави дека добил покана од американскиот претседател Трамп за средба во Белата куќа на 29 септември, три дена по неговото обраќање на Генералното собрание на ОН.
„Само ако фали влакно од главата на еден заложник, ќе ги ловиме уште посилно, до крајот на нивниот живот. Нема да имате засолниште, нашите напори ќе бидат удвоени и ќе стигнеме до вас многу побрзо отколку што мислите“, изјави Бенјамин Нетанјаху -премиер на Израел.
Предупредување до Хамас пристигна и од Трамп – Хамас да не ги користи заложниците како човечки штитови.
„Слушнав дека Хамас се обидува да го искористи стариот договор за човечки штит. Ако го сторат тоа, ќе бидат во голема неволја“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Катар го обвини Нетанјаху дека го отфрла мирот и процесот на посредување со Хамас.
„Ако Нетанјаху сакаше мир, тој одамна го знаеше патот до него. Но едноставно одлучи да не оди по него и реши да посредува со лоша намера“, изјави Мајед Ал-Ансари – портпарол на Министерство за надворешни работи на Катар
Истовремено ОН предупредуваат дека над 26 илјади деца во Газа им е потребно лекување поради акутна ненахранетост. Европската комисија најави нов пакет санкции против Израел. Семејствата повторно излегоа на протест пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим, со барање за договор за заложниците.
Полицијата во Тел Авив, пак, насилно ги отстрануваше демонстрантите кои ги блокираа улиците повикувајќи на итен прекин на огнот во Газа.
Бојана Крстевски
