Израелската офанзива не запира, погодена детска болница
Газа во пламен. Израелската офанзива не запира, погодена детска болница. Бројот на жртви расте, илјадници Палестинци во бегство. Нетанјаху се заканува со жесток одговор кон Хамас, додека меѓународната заедница и семејствата на заложниците повикуваат на договор и прекин на огнот. Од Брисел-нови санкции за Израел.

Експлозии и облаци чад се издигаат над Газа-израелската офанзива во градот продолжува. На удар на бомбите и детска болница. Илјадници Палестинци во трка со времето брзаат да ја напуштат областа. Бројот на жртви и повредени расте.
„Приливот на пациенти и повредени во болницата Ал-Шифа се зголемува, бројките се огромни. Нема доволно кревети за пациентите, а ние сме принудени да ги лекуваме на подот“, Исмаил Рамадан, лекар за итни случаи во болница Ал-Шифа.
Ќе го опколиме и уништиме главното упориште на Хамас во центарот на градот – соопшти израелската војска. Отворена и втора рута за евакуација на цивилите.
„Ќе бидат потребни неколку месеци за да се преземе контролата врз градот. Хамас го претвори градот во најголемиот човечки штит во историјата. Го експлоатираат цивилното население, насилно спречувајќи ги да се евакуираат. Продолжуваме да ги поттикнуваме цивилите да се дистанцираат од борбените зони“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Хамас ќе се соочи со сериозни последици ако им наштети на заложниците-се закани Нетанјаху. Најави дека добил покана од Трамп за средба во Белата куќа на 29 септември. Предупредување до милитантите пристигна и од Вашингтон.
„Само ако фали влакно од главата на еден заложник, ќе ги ловиме уште посилно, до крајот на нивниот живот. Нема да имате засолниште, нашите напори ќе бидат удвоени и ќе стигнеме до вас многу побрзо отколку што мислите“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Слушнав дека Хамас се обидува да го искористи стариот договор за човечки штит. Ако го сторат тоа, ќе бидат во голема неволја“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Катар го обвини Нетанјаху дека го отфрла мирот и процесот на посредување со Хамас.
„Ако Нетанјаху сакаше мир, тој одамна го знаеше патот до него. Но едноставно одлучи да не оди по него и реши да посредува со лоша намера“, изјави Мајед Ал-Ансари, портпарол на Министерство за надворешни работи на Катар.
По извештајот на ОН за геноцидот во Газа, хуманитарните групи за човекови права со апел до светските лидери да ја спречат војната. ЕУ со нови санкции против Израел. Во Ерусалим и Тел Авив протести. Полицијата насилно отстрануваше демонстранти што повикуваа на прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Бојана Крстевски
