Зеленски со апел, да се заострат економските санкции кон Русија
И натаму тензично на фронтот во Украина. Зеленски очекува светот да извлече заклучоци по интензивните руски напади. Апелира да се заострат економските санкции кон Русија. Трамп побара од земјите веднаш да престанат да купуваат руска нафта. Фон дер Лајен ќе предложи забрзување на постепеното укинување на увозот на руски фосилни горива…

Русија удри и на украинската железничка инфраструктура. Изгаснат пожарот во складиштето за гориво во Запорожје. И натаму тензично на фронтот во Украина. Зеленски очекува светот да извлече заклучоци по интензивните руски напади, повикувајќи ги европските лидери да го направат континентот безбеден со изградба на амбициозен чадор за воздушна одбрана. Апелира и да се заострат економските санкции кон Русија.
„Ако нема вистински одговор од светот на долготрајната војна на Русија, ако санкциите и царините се одложат и руската армија неказнето лансира беспилотни летала дури и над полска, Путин ќе продолжи да го доживува ова како дозвола за борба“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Одобрени се првите пакети американска воена помош за Украина од администрацијата на Трамп-јавува „Ројтерс“. Помошта е дел од новиот механизам што дозволува испорака на оружје од американските залихи, финансирана од други НАТО сојузници. Трамп ги оцени постојните европски санкции како недоволни и побара од земјите веднаш да престанат да купуваат руска нафта.
„Зеленски ќе мора да склучи договор, а Европа мора да престане да купува нафта од Русија“, порача американскиот претседател, Доналд Трамп.
Европската унија планира целосно да престане да купува нафта и гас од Русија до крајот на 2027-ма година. Фон дер Лајен вели дека Брисел сака да ја постигне оваа цел уште порано.
„Наскоро ќе биде претставен 19-тиот пакет санкции против Русија, насочен кон криптовалутите, банките и енергетскиот сектор. Воената економија на Русија, поддржана од приходите од фосилни горива, го финансира крвопролевањето во Украина. За да се стави крај на ова, европската комисија ќе предложи забрзување на постепеното укинување на увозот на руски фосилни горива.“
Европската унија веќе го забрани увозот на најголем дел од руската нафта, намалувајќи го нивниот удел од 29 насто во почетокот на 2021-ва година на два насто до средината на годинава.
Катерина Бојаџиева
