Дурмиши: Владата и стопанството се партнери во градење на модерна и одржлива економија
Во своето обраќање, министерот истакна дека оваа конференција претставува симбол на волјата, капацитетот и одговорноста за зајакнување на темелите на економијата и за создавање подобра иднина за граѓаните.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати како почесен гостин на најголемата бизнис конференција во земјава – „Бизнис Лидер“, која ги обединува најуспешните претприемачи, визионери и компании што ја движат македонската економија напред.
Во своето обраќање, министерот истакна дека оваа конференција претставува симбол на волјата, капацитетот и одговорноста за зајакнување на темелите на економијата и за создавање подобра иднина за граѓаните.
„Нашата визија е јасна – Македонија да стане зелена, дигитална и иновативна економија, со силно претприемништво и со култура на иновации во секоја компанија. Само преку партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор можеме да обезбедиме стабилен раст, нови работни места и подобар животен стандард за сите граѓани“, рече Дурмиши.
Тој нагласи дека Владата веќе спроведува реформи за унапредување на деловното опкружување, за привлекување инвестиции и за создавање услови младите да ја градат својата иднина дома. Министерството за економија и труд, со проширената мисија по реорганизацијата во 2024 година, работи на создавање нови, добро платени работни места, поддршка за микро, мали и средни претпријатија, стимулирање на инвестиции и развој на пазарот на трудот преку обуки, практикантства и самовработување.
„Поддршката за стартап компании, вложувањето во истражување и развој и дигитализацијата на јавните услуги се конкретни чекори за создавање модерно и конкурентно деловно опкружување. Истовремено, зелената трансформација – од енергетска транзиција кон обновливи извори до воведување еколошки практики – е наш приоритет, затоа што претставува и обврска кон идните генерации и нова можност за раст и конкурентност“, потенцираше министерот.
Тој се осврна и на новите законски решенија и стратегии, како што се Законот за финансиска поддршка на инвестиции, новите закони за технолошко-индустриски и зелени индустриски зони, како и Стратегијата за мали и средни претпријатија 2025–2030 и Акцискиот план 2025–2027. Преку нив, државата вложува 4,23 милијарди денари финансиска поддршка, од кои 1,77 милијарди се обезбедени од државниот буџет.
