Ребалансот на Буџетот влезе во Собрание

25.08.2014 18:10

Миниребалансот влезе во собраниска процедура. Ќе се кастрат и приходите и расходите. Ќе има повеќе пари за Коридорот 10, се обезбедува дополнителен износ во ПИОМ, нови средства за надминување на последиците од елементарните непогоди. Се предвидува повисок дефицит, но и повисок економски раст.

Наместо 3,2 процента, годинава економскиот раст ќе се движи меѓу 3,5 и 3,7 проценти. Владата ја ревидираше проекцијата со предложениот миниребаланс, со кој државната каса ќе се коригира за околу 2 процента. Се кратат приходите и расходите, се кастри во делот на стоки и услуги кај сите министерства, а се ставаат повеќе пари, дополнителни 17 милиони евра, за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица.

„Во рамките на расходната страна, главното зголемување од околу една милијарда се однесува на проектите од инфраструктурата, изградбата на Коридорот 10, и во тие рамки очекуваме динамизирање на израдбата во оваа и во наредната година. Со измените и дополнувањата на Буџетот се задржа определбата за ниско даночно оптоварување, без промени во даночната политика“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Според предложениот ребаланс, дефицитот се зголемува од 3,5 на 3,9% од БДП, а како што рече Ставрески, Македонија ќе остане меѓу земјите со најниска задолженост. За остварувањето на Буџетот од јануари до јули, вицепремиерот вели дека била задржаната фискалната дисциплина и е генериран раст на економијата, темелен на широка основа со градежништвото како главен двигател. Се зголемиле бруто – инвестициите, пораснал извозот, се намалила невработеноста. Навремено се исплаќале пензиите и социјалната помош, кои од март се зголемени за 5 проценти, а заклучно со 18 август, исплатени се 4,9 милијарди денари субвенции за земјоделците.  Дефицитот изнесувал 3,1 процент од БДП.

За ДПА, предложениот миниребаланс е на штета на Албанците и нема да гласаат за него, за ДУИ ова се обвинувања со цел собирање политички поени.

„Граѓаните Албанци ја полнат државата каса, а добиваат многу малку од неа. Тоа е вистината за овој ребаланс“, изјави Беким Фазлиу, пратеник од ДПА.

„Велите дека Албанците не користат ниту еден процент од Буџетот. Или не знаете или сакате да манипулирате со граѓаните, со цел  да добиете политички поени“, изјави Реџаиљ Исмаили, пратеник од ДУИ.

Расправата по предложениот ребаланс треба да трае 10 дена.

Мартин Пушевски