На 22-ри септември пресуда за онкологот Мери Пешевска, која призна вина за тешки дела против здравјето на луѓето
На 22-ри септември ќе биде објавена пресудата за онкологот Мери Пешевска, второобвинета во случајот „Онкологија“ која призна вина, а заедно со поранешниот директор на Онкологија и двајца други онколози е обвинета за несовесно лекување...

Од сега натаму го носам печатот в џеб, а мојот профил во системот се гаси кога не сум на работа, рече лекарката Мери Пешевска, обвинета дека со нејзин потпис се аплицирала терапија кај седуммина пациенти болни од канцер на кои подоцна им се влошила состојбата. Тврди дека колеги и ја злоупотребиле довербата и факсимилот што го оставила на шалтер.
„Во тој период имаше пракса во болницата специјализанти да им помагаат на лекарите. Тие користеа факсимил и лозинки од поискусните доктори. Никогаш не сум помислила дека моите податоци ќе бидат злоупотребени. Од небрежност и невнимание, сум оставила свој факсимил на располагање на колегите, но оттогаш печатот го носам во мантилот, а од системот се исклучувам кога заминувам од работа“, изјави лекарката Мери Пешевска.
Нејзиниот адвокат појасни дека Пешевска не била ординирачки лекар на ниту еден од тие пациенти и нив ги лекувал директорот Никола Васев.
И обвинителката се согласува дека станува збор за угледна лекарка, но потсети дека судот при одмерување на казната не смее да ги заборави тешките последици од лекомисленото однесување на Пешевска, односно дека на најтешко болни пациенти од рак, им се нарушило здравјето токму поради погрешно лекување. Побара казна согласно законот.
Анита Димитријевска – Велковска
