Увид на местото на пожарот во скопско Трубарево
Почна увидот во опожареното складиште за електронски отпад во Трубарево. На терен увидни екипи кои по налог на јавен обвинител подигаа траги од самото место...

Почна увидот во опожареното складиште за електронски отпад во Трубарево. На терен увидни екипи кои по налог на јавен обвинител подигаа траги од самото место за да утврдат како настанал пожарот и како се складирал отпадот во магацинот. Дронски се снимаше и фотографираше локацијата каде избувна хаваријата.
„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата“, вела од Обвинителството.
Пожарите во Трубарево и Вардариште се под целосна контрола, а резултатите од Институтот за јавно здравје покажале дека сите параметри се во рамките на дозволеното. Премиерот Мицкоски со одговор и на обвинувањата од опозицијата.
„Дури и да е сето тоа точно тие што го кажуваат, а ништо не е точно, тогаш се поставува вистинското прашање што прават тие за да помогнат во процесот? Тие не прават ништо. Тие се занимаваат со некрофилија, со конструкции и со лаги. Но, тие ќе продолжат бидејќи немаат програма, немаат визија, немаат идеја. Ние имаме јасна програма, јасна стратегија како треба понатаму да работиме чесно, одговорно, посветено. Ќе се бориме и како што кажав многу пати досега, ќе победиме на крај. Што се однесува на пожарите во Трубарево и во Вардариште, тие се целосно под контрола. Утрово ги добив резултатите од Институтот за јавно здравје, сите параметри се во рамките на дозволеното“, изјави премиерот Мицкоски.
За дополнителни 48 часа е продолжен притворот на четворицата осомничени за пожарот во складиштето за електронски отпад, меѓу нив и управителот на компанијата. Се сомничат за загрозување на животната средина и природата со отпад.
Викторија Милевска
