Предизборни обвинувања на партиската сцена
Откако Левица истакна кандидати за Струга, Тетово и Гостивар, коалицијата Вреди обвинува дека ДУИ ја продава Струга на Левица...

Кој кого политички продава, предизборни препукувања на партиската сцена. Откако Левица истакна кандидати за Струга, Тетово и Гостивар, коалицијата Вреди обвинува дека ДУИ ја продава Струга на Левица. Изет Меџити, за косовски медиум критикувајќи ја ДУИ, соработката со Левица, ја нарече „сојуз на срамот“ и „црна коалиција“ која, како што рече, претставува предавство кон Албанците и евроатлантската ориентација на државата.
„Ова е најсилниот доказ дека ДУИ е подготвена да згази на сè, само за да остане релевантна на сцената. За нив, моќта е поважна од достоинството на Албанците, сомнителните зделки со албанофобите вредат повеќе од иднината на стружани“, велат од Вреди.
ДУИ реплицира, Вреди е проект на Мицкоски, тој е свесен дека ќе ги изгуби изборите и како што велат интегративците, го фаќа паника.
Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат Апасиев од левичарска и работничка партија, ја претвори Левица во елитистичка партија со која гази врз сопствените членови. Убедени се во победа на изборите укажувајќи дека со централна власт за една година може да се работи многу поактивно.
Тоа пак што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги подржи кандидатите на Вреди во одредени општини, за Левица е капитулација на ВМРО-ДПМНЕ пред, како што велат, иредентистичкиот притисок.
„Мицкоски треба конечно да сфати дека граѓаните не се наивни и не постојат за да му ја потврдат партиската агенда. Македонија не е нивна сопственост и не може да се разменува по тајни договори“, велат од Левица.
Претходно премиерот Мицкоски рече дека истакнувањето кандидати за градоначалници во три општини во западна Македонија од страна на Левица претставува координиран чекор со ДУИ за да дојде до раслојување на анти-ДУИ гласовите во тие општини.
Миле А. Ристески
