Македонија

Обвинителството отвори предистрага за пожарот во сервисот во Пинтија

17.09.2025 17:44

Од Обвинителството е побарано да бидат издадени наредби за обезбедување на снимки од неколку локации и други докази за откривање на сторителот...

Основното јавно обвинителство отвори предистрагата за пожарот во сервисот за автомобили во Пинтија по доставено известување од МВР. Од Обвинителството е побарано да бидат издадени наредби за обезбедување на снимки од неколку локации и други докази за откривање на сторителот.

„До Основното јавно обвинителство Скопје е доставено известување за настанот со барање да бидат издадени наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од неколку локации и наредби за обезбедување повеќе други докази во насока на откривање на сторителот. Бараните наредби обвинителството итно ги издава“, велат од Обвинителството.

Од МВР информираат дека преземаат интензивни истражни мерки за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот.

„Секторот за внатрешни работи Скопје презема интензивни истражни мерки и дејствија во координација со надлежен јавен обвинител за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот. Целиот доказен материјал ќе биде проследен до надлежниот обвинител и во координација со него ќе биде поднесена кривична пријава“, соопштуваат од МВР.

Од Владата најавија дека со законските измени подметнувањето пожар ќе се смета а тероризам, а фрлањето отпад на недозволени места ќе се казнува со пет години затвор.

На снимката од видеонадзорот јасно се гледа како маскирано лице го предизвикува пожарот во кој изгореа 20 автомобили, два објекти и еден магацин.

Александра Велинова