Свет

Трамп во посета на Велика Британија, ќе потпише технолошки договор вреден милијарди долари

17.09.2025 19:26

Трамп во дводневна посета на Велика Британија. Предвидени средби со Кралот Чарлс и премиерот Стармер. Вашингтон и Лондон ќе потпишат технолошки договор вреден милијарди долари …

Американскиот претседател Трамп и првата дама Меланија во дводневна државна посета на Велика Британија. Во замокот Виндзор, шефот на Белата Куќа пречекан со кралски почести, а според Британската влада, ова е најголемиот воен церемонијален прием на еден државник во поновата историја.

За утре е закажана средба на Трамп со британскиот премиер Стармер. Вашингтон и Лондон ќе потпишат технолошки договор вреден милијарди долари кој опфаќа партнерство во науката, нуклеарната енергија и одбранбената технологија. Моделите на вештачката интелигенција за здравството се посебен дел од договорот. Од Гугл велат дека постојат огромни можности за Велика Британија и САД да соработуваат во напредната наука.

„Она што го правиме овде во Велика Британија е многу пионерска работа во истражувањето околу науката и унапредувањето на науката. Вештачката интелигенција може да биде партнер за да го направи секој од нас попродуктивен“, изјави Рут Порат, претседателка и главен инвестициски директор на „Гугл“.

Во Лондон протести против политиките на американскиот претседател. Повеќе од 1.600 полицајци се распоредени за одржување на редот на улиците.

„Толку многу луѓе загинаа само откако го почна вториот мандат. И не знам од каде да почнам. Тој очигледно сака да стане големиот американски диктатор.“

„Ме вознемирува толку многу што Трамп се нарекува себеси мировник.“

„Тој ја уништува сопствената земја, а сега се обидува да го донесе тоа и овде.“

Ова е втора државна посета на Трамп на Лондон. Првата се одржа во 2019 година, за време на неговиот прв претседателски мандат кога и беше гостин на кралицата Елизабета Втора.

Маријана Димовска