Украина

Киев добива ракетни системи „Патриот“ и „ХИМАРС“

18.09.2025 08:42

Киев потврди дека првите пратки вклучуваат ракетни системи „Патриот“ и „ХИМАРС“...

Украина добива над 2 милијарди долари американско оружје како дел од пакетот за помош финансиран од сојузниците на НАТО. Киев потврди дека првите пратки вклучуваат ракетни системи „Патриот“ и „ХИМАРС“. Зеленски откри дека цената на војната за една година е 120 милијарди долари, од кои Украина може да покрие само половина. Сепак, изрази надеж дека конфликтот ќе заврши и дека тие средства нема да им бидат потребни. Повторно апелираше за зголемен притисок врз Путин, предупредувајќи дека руската агресија и дестабилизација во регионот, особено кон Полска и Романија, мора да имаат сериозни последици.

„Ако Русија не чувствува болка, таа продолжува да се бори. Тие мора да почувствуваат поголеми економски, политички и други загуби за конечно да можеме да се приближиме кон мирот. Добивме повеќе од две милијарди долари од нашите партнери. Дополнителни пари ќе добиеме во октомври некаде околу 3,5 милијарди долари. Првите два пакета ќе бидат 500 милиони, нема да ги дадам сите детали – но, дефинитивно ќе содржат ракети за Патриот и за Химарас“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Претседателката на Европскиот парламент Мецола, од Киев ја нагласи потребата од засилена поддршка за Украина и најави построги санкции кон Русија, вклучувајќи намалување на зависноста од руската енергија и ограничувања за „флотата во сенка“.

„Заедно можеме да им докажеме на Русите дека нивните постапки нема да останат неодговорени и заедно ќе го сториме тоа за да ги одвратиме и да обезбедиме мир“, изјави Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент.

Во истовреме, нови експлозии во Киевската област. Русија продолжува со нападите во Украина додека Полска ја организира најголемата воена вежба годинава како одговор на руската-„Запад-2025“ што се одржа во Белорусија.