Во последното деноноќие регистрирани 25 пожари, три сè уште се активни
Регистрирани вкупно 25 пожари на територијата на Македонија на отворен простор, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, три сè уште се активни и предизвикуваат сериозна загриженост..

Утрово се регистрирани вкупно 25 пожари на територијата на Македонија на отворен простор, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, три сè уште се активни и предизвикуваат сериозна загриженост, два се ставени под контрола, додека останатите дваесет се целосно изгаснати.
Еден од најтешките пожари е оној кај селото Виниче во општина Гази Баба, каде што пламените јазици зафатија нискостеблеста шума во месноста Муратица. Во Гевгелија, на Кожуф планина, првично избувна приземен пожар кој подоцна се прошири и ја зафати буковата шума во близина на селото Петрово. Третиот активен пожар е во општина Зелениково, во атарот на селото Вражале, каде што гори борова насадна површина, што дополнително го отежнува справувањето со огнената стихија.
Два пожари се ставени под контрола – едниот во селото Трубарево, во општина Гази Баба, каде што изгоре електричен отпад, а другиот на депонијата Дрисла во општина Студеничани, каде што пламенот се прошири на голема количина ѓубре.
Во изминатите 24 часа, голем број пожари биле успешно изгаснати.
