Енергетика

Методологија за енергетска сиромаштија

18.09.2025 09:37

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија. Во нивниот коментар, беше потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.

Тоа значи дека методологијата е целосно прифатлива за објава, а воедно претставува и прв ваков систематизиран документ во земјава кој ќе овозможи реално мерење и следење на овој феномен.

Со оваа методологија, за првпат се воспоставуваат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства – како што се ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Овие параметри ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи.

Исто така информираат дека веќе работат на следните чекори – подготовка на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде главна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.

„Со оваа методологија првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика. Со ова, Македонија прави значаен исчекор во градењето на праведна енергетска политика која се грижи за граѓаните и ја става социјалната димензија на енергетската транзиција во фокусот,“ изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.