Украина

Киев добива воена помош од САД и од европските сојузници

18.09.2025 10:05

Украина наскоро ќе добие модерно оружје од САД и од европските сојузници. За една година Киев за војната троши 120 милијарди долари. Русија продолжува со нападите. Началникот на генералштабот Герасимов тврди дека војската напредува на сите фронтови...

Нови експлозии одекнуваат во Киевската област. Повторно на удар и украинската железница. Русија продолжува со нападите, Украина возвраќа во Ростов. Ударите од Москва доаѓаат во момент кога Киев добива над 2 милијарди долари американско оружје, вклучувајќи ракетни системи „Патриот“ и „ХИМАРС“, финансирано од НАТО-сојузниците. Зеленски откри дека ако војната продолжи догодина, ќе можат да покријат само половина од потребните 120 милијарди долари трошоци за одбрана. Изрази надеж дека конфликтот ќе заврши и повторно повика на зголемен притисок врз Путин за кого тврди дека подготвува уште две нови офанзиви наесен.

„Ако Русија не чувствува болка, таа продолжува да се бори. Тие мора да почувствуваат поголеми економски, политички и други загуби за конечно да можеме да се приближиме кон мирот. Добивме повеќе од две милијарди долари од нашите партнери. Дополнителни пари ќе добиеме во октомври некаде околу 3,5 милијарди долари. Првите два пакета ќе бидат 500 милиони, нема да ги дадам сите детали – но, дефинитивно ќе содржат ракети за Патриот и за Химарс“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Претседателката на Европскиот парламент Мецола, од Киев ја нагласи потребата од засилена поддршка за Украина и најави построги санкции кон Русија, вклучувајќи намалување на зависноста од руската енергија и ограничувања за „флотата во сенка“.

„Заедно можеме да им докажеме на Русите дека нивните постапки нема да останат неодговорени и заедно ќе го сториме тоа за да ги одвратиме и да обезбедиме мир“, изјави Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент.

Поддршката за Украина ја нагласи и британскиот крал Чарлс Трети кој ја искористи државната посета на американскиот претседател Трамп да го истакне заедничкото сојузништво во борба против тиранијата.

„Додека тиранијата повторно ја загрозува Европа, ние и нашите сојузници сме обединети во поддршката за Украина за одбрана од агресијата и за да се обезбеди мир“, изјави Чарлс Трети, крал на Велика Британија.

Германскиот канцелар Мерц ја предупреди Европа да не и дозволи на Русија да ги одредува условите за мировен договор со Украина, нагласувајќи дека тоа ќе го охрабри Путин да бара следни мети. Рускиот шеф на дипломатијата пак со обвинување-Киев и неговите западни сојузници се обидуваат да го убедат Трамп да се откаже од мировните напори во Украина, нагласувајќи дека нема место за Европа на преговарачката маса.

„Европа очигледно се обидува, доста дрско, да си издвои место на преговарачката маса. Иако, од својата позиција на реваншизам, на нанесување стратешки пораз на Русија, секако нема место на преговарачката маса“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Во истовреме, Полска ја организира својата најголема воена вежба „Железниот бранител“ како одговор на руската „Запад-2025“ што се одржа во Белорусија, додека Данска забрзано се вооружува со оружје со долг дострел велејќи дека Русија ќе претставува закана уште многу долго.

Бојана Крстевски