Велика Британија

САД ќе инвестира 150 милијарди фунти во Велика Британија

18.09.2025 14:02

Вкупно 150 милијарди фунти американски инвестиции објавени за време на втората државна посета на Трамп на Велика Британија. Околу 7.600 висококвалитетни работни места ќе бидат создадени во Обединетото кралство како резултат на приливот на пари од големите американски компании. По ден исполнет со кралска свеченост и средба со кралот Чарлс Трети, Трамп ќе се сретне со премиерот Стармер. Истовремено, во Лондон протести против политиките на американскиот претседател.

Американски инвестиции во вредност од 150 милијарди фунти објавени за време на втората државна посета на американскиот претседател на Велика Британија. Британскиот премиер пред средбата со американскиот претседател го поздрави објавувањето на инвестициите. Кралот Чарлс Трети за време на средбата во замокот Виндзор, го пофали Трамп за неговата лична посветеност во обидот да се стави крај на конфликтите низ целиот свет.

„Океанот можеби сè уште нè разделува, но нашите земји имаат најтесен однос во одбраната, безбедноста и разузнавањето досега. Работат заедно во поддршка на клучните дипломатски напори, меѓу кои е и вашата лична посветеност за наоѓање решенија за некои од најнерешливите конфликти во светот за да се обезбеди мир“, изјави кралот Чарлс Трети.

„Исклучителна привилегија е да бидам првиот американски претседател што е пречекан тука. И — ако размислите, тоа е многу значајно, ова е втора државна посета. Ова навистина е една од најголемите почести во мојот живот. Имам огромна почит кон вас и кон вашата земја“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Големо полициско присуство околу Виндзорската палата, на вториот ден од посетата на американскиот претседател. По ден исполнет со кралска свеченост, Трамп ќе се сретне со премиерот Стармер.

„Кога одев на работа изутрина, имаше многу полициски мотори, ја блокираа улицата, предизвикаа голем метеж“, изјави Џозеф Хода, локален жител.

Истовремено, во Лондон протести против политиките на американскиот претседател. Полицијата соопшти дека уапсила четири лица.

 

Катерина Бојаџиева