Против Шпанија без Бабунски и Грнчаров, деби ќе очекува Адеми

25.08.2014 19:05

Значителни корекции во репрезентативниот список пред квалификациите за ЕП 2016

Во силната, но неатрактивна група, до крајот да бидеме во игра за третото место коешто ќе води во баражот. Со таква цел селекторот Бошко Ѓуровски ќе ја поведе нашата фудбалска репрезентација во новите квалификации за пласман на ЕУРО 2016, коишто ги почнува на 8 септември на гости кај европскиот првак Шпанија.

По последното место во претходниот циклус, таков дострел би бил успех за нашиот национален тим, смета Ѓуровски. За мечот во Валенсија тој повика 23 играчи. Меѓу нив еден дебитант, Аријан Адеми од Динамо Загреб и само двајца од домашното првенство, Глишиќ и Радески. Од оние коишто досега беа дел од селекцијата, ќе ги нема Бабунски и Грнчаров, коишто би можеле да влетаат како алтернативи ако некој се повреди до недела, Тричковски, којшто сам побара овојпат да не биде поканет, како и Георгиевски и Попов, коишто во моментов се без клуб.

„Направив список од играчи во коишто во моментов имам најголема доверба и коишто најмногу можат да се носат со Шпанија. Другите ќе треба и понатаму да се докажуваат. Јас го правам изборот, јас носам одговорност за него, јас ќе одговарам и за резултатите коишто ќе ги постигнеме“, вели селекторот.

За голманското место ќе конкурираат Пачовски, Богатинов и Наумовски. Одбраната селекторот ќе ја составува од Шиков, Мојсов, Дамчевски, Цуцули, Алиоски, Глишиќ, Ристовски, Ристевски и Тодоровски. Покрај Адеми, за средниот ред ќе бидат кајндидати и Спировски, Демири, Радески, Хасани и Трајковски. Во напаѓачкиот избор се најдоа Ибраими, Јаховиќ, Костовски, Крсте Велкоски и Абдурахими.

„Пред нас ќе биде тешка задача. Ако сакаме резултат, ќе ни биде огромна самодоверба кога ќе ја имаме топката во наш посед. Не смееме да дозволиме брзо да ја губиме. Во дефанзивната фаза ќе мора да покажеме карактер, да бидеме солидарни во одземањето на топката и сите да бидеме посветени во одбраната и целосно да ја сочуваме концентрацијата во сите 90 минути“, го посочува Ѓуровски рецептот како Македонија би можела да се надева на поволен резултат против моќниот ривал. „Ќе биде тешко, но спортски е да се надеваме“.

На денешната прес-конференција, ФФМ го промовираше и новиот технички менаџер на најдобрата репрезентација, легендата на нашиот фудбал Илија Најдоски.

„Нема да имам надлежности во изборот на играчите, во тактиката или во тренажниот процес. Ќе се обидам на играчите да им го пренесам моето искуство и да им помогнам да можат да играат со секого. Да не го потценуваат ниту Луксембург, да не ја преценуваат ниту Шпанија, бидејќи може потежок да им биде мечот со Луксембург во Скопје, отколку гостувањето кај Шпанија“, вели Најдоски.