„Денови на комедија“ по 28-ми пат во Куманово
Во Куманово по 28-ми пат ќе се одржи меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“. Љубителите на комедијата ќе можат да проследат 11 претстави од Македонија, Србија и Бугарија. Лауреат на фестивалот годинава е актерката Весна Петрушевска...

Вкупно 11 театри од земјава, Србија и Бугарија ќе настапат на 28-то издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово. Фестивалот на 24-ти, ќе го отвори култната „Госпоѓа министерка“ на велешкиот театар, а традиционално ќе го затвори кумановскиот.
„Се надеваме дека и оваа година ќе имаме успешен фестивал како и секоја година, посетен фестивал“, истакна Сашо Тодоровски, директор Центар за култура Куманово.
И годинава ќе се доделат награди за најдобра претстава, женска и машка улога, најдобра сценографија, костимографија и режија.
„Овој фестивал е радост за секој кумановец, за секој тинејџер, и дете што за мене е многу важно, основните работи се учат во театарот и не би сакала ниту да згасне ниту да изгуби од својот квалитет“, нагласи актерката Крстевски.
Лауреат на „Денови на комедија“, наградата која го носи името на „Васил Иљоски“ годинава е актерката Весна Петрушевска.
„Ова е еден од најголемите фестивали на Балканот и тој има меѓународен карактер и натпреварувачи. Особено кога ќе дадете лауреат за животно дело на жена. Во оваа држава и тоа, многу е важно. На жените им е десетпати потешко да бидат на сцена, затоа што имаме неколку улоги, актерки, колешки, мајки“, истакна Петрушевска.
„Денови на комедија“ е најпосетената културна манифестација во Куманово, за која секогаш се бара место повеќе. Се очекуваат до 8.000 посетители. Фестивалот финансиски е поддржан од Министерството за култура и наука и Општина Куманово.
Елена Георгиевска
