Свет

САД и Велика Британија потпишаа историски договор

18.09.2025 18:31

Трамп и Стармер со ракување од 150 милијарди фунти. Од вештачка интелигенција до нуклеарна енергија – САД и Британија потпишаа историски договор …

Нераскинливата врска меѓу САД и Велика Британија крунисана со договор од 150 милијарди фунти, најголем досега меѓу двете земји, за технолошко партнерство и за развој на цивилната нуклеарна програма. Најголема инвестиција е предвидена за Мајкрософт, од 30 милијарди долари, следува Гугл со 5 милијарди и Енвидија со 500 милиони долари. Во центарот на договорот соработката во областа на вештачката интелигенција.

„Договорот за инвестиција објавен денес ги урива сите рекорди. 150 милијарди фунти од двете страни на Атлантикот. Ова е најголемиот инвестициски пакет во Британската историја. Ова е водич за победа во ерата на вештачката интелигенција“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

„Ова што го правиме денес е нескршливо. Го презедовме следниот логичен чекор со овој историски договор за соработка во науката и технологијата. Ова партнерство ќе овозможи соработка помеѓу приватниот сектор и владите и во делот на вештачката интелигенција која го презема светот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Шефота на Белата Куќа и неговиот домаќин од Даунинг 10 разговараа и за војните во Украина, во Газа. Најавеното признавање на Палестина од Лондон, сепак претставува предизвик во транс-атлантската комуникација. Трамп се пофали со високите американски тарифи, со што Америка заработува трилиони долари. Британскиот премиер рече дека, трговскиот договор што го склучи со САД била тешка преговарачка постапка, но победа за двете страни.

„Како што знаете, добивавме трилиони долари од царини. Ги одржуваме нашите компании среќни. Ги одржуваме цврсти и силни, тие се многу воодушевени од она што се случи. И никогаш не сме виделе вакви инвестиции. Без царините, ќе имавме само дел од тоа“, нагласи Трамп.

Вчера, кралот Чарлс Трети приреди прием за американскиот претседател, за првата дама Меланија и за претставниците на технолошките гиганти во замокот Виндзор.

„Океанот можеби сè уште нè разделува, но нашите земји имаат најтесен однос во одбраната, безбедноста и разузнавањето досега. Работат заедно за поддршка на клучните дипломатски напори, меѓу кои е и вашата лична посветеност за наоѓање решенија за некои од најнерешливите конфликти во светот за да се обезбеди мир“, истакна кралот Чарлс Трети.

Илјадници луѓе излегоа на улиците во Лондон на протести против конзервативните политики на американскиот претседател, како што се правата жените и правата на малцинствата и мигрантите.

Маријана Димовска