Матичната собраниска Комисија ги изгласа нацрт-уставните измени
Матичната собраниска комисија даде зелено светло за седумте предлог-уставни корекции...

Владата предложи со највисокиот правен акт, бракот и вонбрачната заедница да се дефинираат исклучиво како врска помеѓу еден маж и една жена. Ова е во согласност со етничките и верските вредности на секоја од заедниците во Македонија, рече пратеникот Ѓорчев. Но воедно и гаранција за во иднина некој да не се обиде ова да го дефинира на поинаков начин.
„На овој начин ќе се оневозможи да се смини законот за семејство на Република Македонија, односно да имаме редефинирање на традиционалниот брак со четириесет и двајца пратеници“, рече Владимир Ѓорчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од нацрт-амандманите предвидува формирање на финансиски зони, Владата појасни дека нивната работа ќе биде нормирана со посебни законски акти. Ефектот што се очекува е зголемување на БДП и нови вработувања. Првиот финансиер појасни дека ќе се применува искуството на Луксембург, Малта и Швајцарија. Колку за пример, рече во БДП-то на Луксембург финансискиот пазар на меѓународните корпорации, банки и инвестициски фондови учествува со 25 проценти и вработува 44 илјади лица. Очекуваме, рече Ставрески, освен пари овие зони да донесат и нови вработувања кај нас.
„Етаблирање на Република Македонија на меѓународната финансиска мапа како дестинација во којашто би работеле меѓународни банки и инвестициски фондови и корпорации, и второ креирање на работни места коишто во случајот би биле работни места со повисока додатна вредност, односно работни места коишто ќе креираат и поголем ефект врз БДП на Република Македонија“, рече Зоран Ставревски, вицепремиер и министер за финансии.
Парламентарното мнозинство даде зелено светло за сите седум уставни амандмани. ДПА најави дека ќе учествува во дебатата, но нема да гласа за уставните измени.
Нацрт-уставните амандмани в среда ќе се најдат на пленарна седница, потоа Владата како предлагач треба да организира јавна расправа којашто ќе трае 30 дена, за потоа да ја достави и конечната варијанта на седумте уставни амандмани, а за измени на Уставот потребно е повторно да се обезбедат 82 гласа.
Виолета Димовска
