Пелистер со храбро издание, но поразен од ПСЖ во Париз

19.09.2025 09:34

Натпреварот се решаваше во драматичната завршница – при водство од 27-26 за Еурофарм Пелистер, следуваше серија од 7-0 за ПСЖ, со што конечниот резултат не ја отсликува реалната борба на теренот.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа извонреден натпревар во 2. коло од групата Б во Лигата на шампиони, но на крајот сепак загубија на гостувањето кај ПСЖ со 33-27.

Македонскиот шампион целосно му парираше на францускиот гигант, а на полувреме резултатот беше израмнет (16-16). Во вториот дел „пелистерци“ дури и поведоа и во неколку наврати имаа предност од три гола разлика. Натпреварот се решаваше во драматичната завршница – при водство од 27-26 за Еурофарм Пелистер, следуваше серија од 7-0 за ПСЖ, со што конечниот резултат не ја отсликува реалната борба на теренот.

Дејан Манасков со пет погодоци и Филип Кузмановски со четири беа најефикасни во македонскиот состав.

По стартната победа над Загреб, битолчани го запишаа првиот пораз во новата сезона, а во 3. коло на 24 септември во Битола ќе го пречекаат данскиот првак ГОГ Гудме.