Украина

Украина со модерни системи против руските дронови

19.09.2025 12:02

Украина наскоро ќе почне да користи стотици системи против дронови како одговор на масовните руски напади, изјави министерот за одбрана Денис Шмихал. Европската унија планира да потроши милијарди евра за изградба на „ѕид од дронови“ како одговор на руски упади во воздушниот простор на членки на НАТО...

Војната во Украина беснее со несмалено темпо. Регистрирани напади со беспилотни летала во повеќе региони. Украинските сили објавија дека извршиле успешен напад во Курс. Зеленски објави дека Путин подготвува две офанзиви наесен, и потврди дека е во тек контраофанзива операција на источниот фронт. Во меѓувреме, Украина од Русија презеде тела на над 1.000 убиени војници, единствениот резултат од преговорите во повеќе од три и пол години од војната.

„Русија мора да биде принудена на мир. Украина може да го стори тоа ако нашата армија има доволно сила и капацитети за долг дострел. Светот може да го стори ова заедно со нас – преку силни санкции и притисок против Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Путин пак, за време на состанок со врвни руски пратеници, разговараше за избор на мотивирани ветерани за позиции во државната служба. Во изјавата го потенцираше обемот на военото присуство на Русија во Украина во услови на тековниот конфликт.

„Повеќе од 700 илјади војници се на првата контактна линија. Од тие луѓе можеме да избереме некои што сакаат и кои се склони кон извршување на такви државни дејности. Не велиме дека тоа ни е потребно, но можеме да размислиме за тоа“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Американскиот претседател по посетата во Лондон ги повтори повиците до европските земји и членките на НАТО да престанат да купуваат руска нафта. Трамп рече дека и британскиот премиер Стармер е согласен за тоа.

„Ние треба да ги правиме сите овие работи, а тие купуваат нафта од Русија. Тоа не е добро. Тоа е скоро се за што разговаравме, но тој исто така се согласува дека тие мора да престанат да купуваат нафта од Русија. Тој би вовел санкции, да. И тој не е еден од виновниците во однос на нафтата“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД

Генералниот секретар на Обединетите нации, пред 80. Генерално собрание предупреди дека меѓународната заедница не смее да го прифати моделот на користење војна за решавање проблеми меѓу земјите.

„Постои стимул за земјите со средна големина да се обидат да ги решат своите амбиции или своите проблеми преку војна наместо преку преговори. И ова станува модел на кој меѓународната заедница треба силно да се спротивстави“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.

Аналитичарите предупредуваат дека меѓународната безбедност е сериозно загрозена особено по упадот на руски дронови на Полска територија, за што НАТО сојузниците го формираа пактот „Источна гарда“ за да ги заштитат границите.

Маријана Димовска