Театар

Стоечки овации за МНТ и „Ничија земја“ на фестивалот во Ќустендил

19.09.2025 20:15

Темата за апсурдноста на војната, маестрално преточена во сценска форма, силно ги допре гледачите – дел од нив допатуваа и од Софија и од Македонија. Иако беа обезбедени преводи на бугарски и англиски, публиката речиси и не ги користеше, бидејќи преку емоцијата и играта на актерите целосно ја почувствува приказната.

Македонскиот народен театар синоќа ја отвори првата вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“ во Ќустендил, Бугарија. Публиката во преполната сала со над 700 посетители ја награди претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, со громогласни стоечки овации и повеќеминутен аплауз.

Темата за апсурдноста на војната, маестрално преточена во сценска форма, силно ги допре гледачите – дел од нив допатуваа и од Софија и од Македонија. Иако беа обезбедени преводи на бугарски и англиски, публиката речиси и не ги користеше, бидејќи преку емоцијата и играта на актерите целосно ја почувствува приказната.

Во актерската екипа настапија Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и уште повеќе од десет актери на МНТ.

Фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ е нова европска иницијатива која промовира меѓукултурна размена, копродукции и партнерства помеѓу театарски куќи од различни земји. Првото издание ги обединува театрите од Македонија, Србија и Бугарија, а освен претстави, вклучува и професионални работилници и обуки поддржани од Европската комисија. Македонското учество е овозможено преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, финансирана од Европската Унија.