Меѓународна средба на книжевни преведувачи во Лешочкиот манастир

26.08.2014 10:46

Во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во Лешок се одржа 43-тата Меѓународна средба на книжевни преведувачи. Годинешната тема беше преводот на книжевноста за деца и млади.

Светската елита во книженото преведување повторно се собра во дворот на Лешочкиот манастир на 43-тата Меѓународна средба на книжевни преведувачи.

На неа учествуваа домашни, но и автори од Молдавија, Холандија, Турција, Малта, Норвешка, Португалија, Русија. Се дебатираше за проблематиките на преводот на книжевноста за деца, што е и годинешната тема. Таа до сега воопшто не била отворена.

Аналитичкиот тим на симпозиумот констатирал дека детската литература во земјава е во стагнација последниве две децении. 

„Во Македонија сега има отсуство на стратегија во оваа свера. Ние ги следиме најавите од Министерството за култура дека нешто се планира и се предвидува“, изјави Стефан Симоски, директор на манифестацијата.

Литературата за деца ги преживува најтешките мигови, смета истакнатиот македонски автор Стојан Тарапуза. Размислува дека тоа можеби е резултат на ова, за него, време – невреме за детската литература.

„Децата се врзаа за компјутерите, уште не се изживеани, уште им се интересни, ја заборавија книгата. Тука треба да се вклучи министерството за Образование и култура“, рече Стојан Тарапуза, автор на литература за деца.

„За жал ние немаме преведувачи кои го знаат македонскиот јазик. Можеби тоа е од географски причини. Можеби преведувачите не ја познаваат доволно македонската култура, сепак земјите се доста оддалечени. Затоа повеќе преферираат да преведуваат од англиски“, смета  Мемет Кансул, преведувач и автор од Северен Кипар.

На манифестацијата се одржа и промоција на ново преведени дела. Лешок е местото на кое се одржала и првата меѓународна средба на книжевни преведувачи во 1972 година.

Зоран Јованоски