Алиу: Пола од досиејата се разгледани
Половина од досиејата разгледани – наскоро Интерната комисија треба да соопшти дали неосновано се правеле кардиохируршки интервенции во приватните болници за профит. Се проверува и дали одредени кардиолози упатуваат пациенти во одредени болници, вели министерот Алиу...

Уште еден до два состанока ќе бидат доволни за Интерната комисија да ја информира јавноста дали неосновано се правеле кардиохируршки интервенции во приватните болници за пари. Половина од осумте досиеја се веќе разгледани. Министерот за здравство вели, изминатите две недели, 15-члената комисија била посветена на задачата што ја добила за да се открие вистината.
Во меѓувреме, независната комисија од Лекарската комора го чека извештајот на Интерната, по што ќе дојдат и лекари од странство.
Освен основаноста на интервенциите и потрошените пари од касата на Фондот за здравство, се проверува и кој, кого и каде се упатува, односно, дали одредени кардиолози упатуваат пациенти во одредени болници, и дали правото на избор на лекар е над протоколите за упатување. Аферата ја отвори д-р Сашко Кедев, кој смета дека освен приватното треба да се провери и јавното здравство за извршени непотребни интервенции.
Наташа Јанчиќ Менковски
