Украина

Нови напади во Украина, на удар и Киев

19.09.2025 15:52

Нови напади во Украина, на удар и Киев. Зеленски објави дека е во тек контраофанзива на источниот фронт, додека Москва подготвува две офанзиви наесен. Путин тврди, 700 илјади руски војници се во првите борбени редови. Американскиот претседател Трамп одново побара ЕУ да запре со купување руска нафта, за што разговарал и со британскиот премиер Стармер...

Војната во Украина продолжува со несмалено темпо. Русите лансираа над 200 дронови за 24 часа, одново на удар Киев. Украинските сили објавија дека извршиле успешен напад во Курск. Зеленски потврди дека е во тек контраофанзива операција на источниот фронт.

„Русија мора да биде принудена на мир. Украина може да го стори тоа ако нашата армија има доволно сила и капацитети за долг дострел. Светот може да го стори ова заедно со нас – преку силни санкции и притисок против Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Путин пак, за време на состанок со врвни руски пратеници, разговараше за избор на мотивирани ветерани за позиции во државната служба. Во изјавата го потенцираше обемот на военото присуство на Русија во Украина во услови на тековниот конфликт.

„Повеќе од 700 илјади војници се на првата контактна линија. Од тие луѓе можеме да избереме некои што сакаат и кои се склони кон извршување на такви државни дејности. Не велиме дека тоа ни е потребно, но можеме да размислиме за тоа“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Американскиот претседател по посетата во Лондон ги повтори повиците до европските земји и членките на НАТО да престанат да купуваат руска нафта. Трамп рече дека и британскиот премиер Стармер е согласен за тоа.

„Ние треба да ги правиме сите овие работи, а тие купуваат нафта од Русија. Тоа не е добро. Тоа е скоро се за што разговаравме, но тој исто така се согласува дека тие мора да престанат да купуваат нафта од Русија. Тој би вовел санкции, да. И тој не е еден од виновниците во однос на нафтата“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Генералниот секретар на Обединетите нации, пред 80. Генерално собрание предупреди дека меѓународната заедница не смее да го прифати моделот на користење војна за решавање проблеми меѓу земјите.

„Постои стимул за земјите со средна големина да се обидат да ги решат своите амбиции или своите проблеми преку војна наместо преку преговори. И ова станува модел на кој меѓународната заедница треба силно да се спротивстави“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.

Аналитичарите предупредуваат дека меѓународната безбедност е сериозно загрозена особено по упадот на руски дронови на Полска територија, за што НАТО сојузниците го формираа пактот „Источна гарда“ за да ги заштитат границите.

 

Маријана Димовска