Николоски: Штип со потенцијал да стане туристички центар во истокот
Изградба на брана на река Отиња, проекти во патната мрежа, канализациони и водоводни системи, урбанизација на брана Кежовица, се дел од проектите што се реализираат во Штип со поддршка на централната власт...

Штип има потенцијал да стане туристички центар во Истокот. Има бројни капитални проекти што ги реализираме како Влада и со тоа даваме силна поддршка за Штип и регионот, истакна денеска потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски кој присуствуваше на отворањето на манифестацијата „Штипска пастрмајлијада“.
Изградба на брана на река Отиња, проекти во патната мрежа, канализациони и водоводни системи, урбанизација на брана Кежовица, се дел од проектите што се реализираат во Штип со поддршка на централната власт.
“ Навистина е чест да се биде денеска во Штип на отворањето на овој голем настан за којшто живее овој град и целиот регион. Сметам дека е добро да се организираат вакви настани со цел да се раздвижи локалната економија, ова значи многу посетители коишто овие денови ќе го посетат Штип. Ова значи влез на неколку милиони евра директно во локалната економија што е задвижување за целото стопанство и нешто што треба да биде поддржано. Мислам дека градоначалникот прави одлична работа и сакам да му честитам за тоа што го прави досега и верувам дека и во следниот период ќе има уште поголеми успеси и поголеми работи. Посакувам убава дружба и убави моменти, не само за штипјани туку и сите што ќе ја посетат манифестацијата.
Во иста насока сакам да кажам дека продолжуваме да го поддржуваме Штип. Бројни инфраструктурни проекти се во реализација, во делот на патната мрежа, во делот на канализациски и водоводни мрежи, во делот на образованието. Работиме и големи проекти, интензивно се работи на браната Отиња како и на целосна урбанизација околу браната. Она што е Мавровското езеро на западниот дел на Македонија, браната Отиња треба ќе стане во Источна Македонија. Покрај универзитетски и бизнис центар, Штип да стане и туристички центар за овој дел на Македонија и во таа насока е и урбанизацијата околу браната Кежовица. Таму има голем туристички потенцијал, така што навистина имаме големи планови за Штип, дел се реализирани, дел се реализираат и секогаш доаѓам со задоволство, заедно со градоначалникот и со пратениците работиме на реализација на проектите“-истакна Николоски.
