Охрид сѐ попривлечен за странските археолози
Вооружените судири на Блискиот Исток придонесоа археолозите да покажуваат интерес за други археолошки локалитети во светот, а на таа мапа се најде и Охрид со своето богато културно – историско наследство. Веќе втора година врвни археолози од познати светски универзитети, заедно со нивните студенти се вклучени во истражувачките активности во Самуиловата тврдина...

По случувањата на Блискиот Исток, каде што никој не им гарантира безбедност на археолозите, Охрид е сè повеќе на радарот на универзитетите по археологија од западноевропските земји.
Тоа го покажаа и годинешните археолошки истражувања во Самуиловата тврдина, кога поголем број истакнати археолози, повеќето од нив византолози и нивните студенти учествуваа во ископувањата во рамките на овој монументален споменик на културата. Минатата година во активностите беа вклучени археолози од две земји, а ова лето ги имаше од Англија, Франција, САД, Германија и Шпанија. Покрај црпење на знаења од врвни археолози оваа соработка ја отвора можноста за користење средства од европски фондови.
„Покрај финансирањето од министерството за култура, овие контакти би сакал да резултираат со отворање на нови можности за финансирање и од друга страна, со што ќе оди многу побрзо и полесно самото истражување на целиот овој простор и конечно ревитализација на целата Самоилова тврдина“, вели Анатоли Арнаудоски, археолог во Завод и Музеј Охрид.
Емилија Балческа од Универзитетот „Гете“ од Германија, која потекнува од Охрид вели дека во западноевропските земји многу малку знаат за македонското археолошко наследство.
„Се надеваме во наредните години на повеќе меѓународни соработки за заштита и истражување на овие уникатни ресурси. Културното наследство е најбитното нешто што Македонија го има. Затоа Охрид со своите квалитети треба да биде одржуван и поддржуван на глобално ниво, бидејќи тоа го заслужува“, изјави Емилија Балческа од универзитетот „Гете“, Франкфурт Германија.
Годинешната кампања на Самуиловата тврдина придонесе за доистражување на средновековната некропола, при што беше констатирано дека има два слоја на средновековни погребувања од 12-ти и 14-ти век, а остатоците од мозаик укажуваат дека на овој простор имало ранохристијанско светилиште.
Сашо Нелоски
