Руско - украински конфликт

Нови масовни руски напади со дронови и ракети во текот на ноќта

20.09.2025 12:11

Украина гори. Русија започна нови масовни напади во текот на ноќта со дронови и ракети. Пријавени директни удари врз десет локации. Жртви и повредени во Дњепар, експлозии и пожари во Павлоград и Николаев. Нападнат и Киевскиот регион...

Украина гори. Русија започна нови масовни напади во текот на ноќта со дронови и ракети. Пријавени директни удари врз десет локации. Жртви и повредени во Дњепар, експлозии и пожари во Павлоград и Николаев. Нападнат и Киевскиот регион.

„Сите прозорци ми беа искршени, стакло насекаде. Ужасно е, ова е трагедија“, вели жителка на Дњепар.

Зеленски соопшти дека Русија лансирала над 40 крстосувачки и балистички ракети и околу 580 дронови. Го осуди нападот и повика на заеднички меѓународен одговор и притисок врз Путин.

„Мора да дејствуваме заедно: да ја зајакнеме воздушната одбрана, да ги зголемиме испораките на оружје и да ги прошириме санкциите против руската воена машинерија и секторите што ја финансираат. Секое ограничување врз Русија спасува животи“, вели Зеленски.

Москва, пак, јавува за украински напади врз нафтени рафинерии во Саратов и Новокујбишевск. Во услови на зголемени тензии, Полска на готовс. Подигнати авиони на НАТО, патролираат во воздушниот простор.

„Она што се случи минатата недела во Полска всушност ги потсетува сите дека нешто може да се случи, и затоа сме повторно тука денес да видиме што се случува, да се осигураме дека небото на НАТО е заштитено“, изјави Џоел, капетан-командант.

Во истовреме Естонија поднесе протест и побара консултации во рамките на НАТО кој свика итен состанок, откако синоќа три руски воени авиони го нарушија нејзиниот воздушен простор. Реакција пристигна и од Вашингтон.

„Не ми се допаѓа кога тоа ќе се случи. Може да биде голем проблем“, истакна американскиот претседател, Доналд Трамп.

Од Брисел со предупредување-Русија станува „сè поопасна“.

„Јасно е дека Русија тестира колку далеку може да оди. Не смееме да покажеме слабост, бидејќи слабоста е нешто што ја поканува да направи повеќе и тие се сè поопасни, не само за Украина, туку и за сите земји околу Русија. Затоа нашиот одговор е да се изврши поголем притисок, така што и Русија ќе сака мир и ќе дојде на преговарачката маса“, изјави Каја Калас, висок претставник на ЕУ.

Москва ги негира тврдењата на Талин, велејќи дека летот бил извршен во согласност со меѓународните прописи.

„На 19-ти септември, три руски ловци МиГ-31 извршија закажан лет од Карелија до аеродром во регионот Калининград. Летот се одржа во строга согласност со меѓународните правила за користење на воздушниот простор, без да се нарушат границите на други држави, што е потврдено со објективна контрола“, стои во соопштението на руското министерство за одбрана.

Бојана Крстевски