КУМАНОВО

Мегалитската опсерваторија Кокино, сè уште чека уредување

20.09.2025 15:08

Светски познатата мегалитска опсерваторија Кокино, која е и една од најстарите и најуникатни примери на културно наследство во Македонија, сè уште чека поголема институционална поддршка. Просторот е неуреден, но сепак го посетуваат и странци, кои заминуваат без сувенир за спомен. Од кумановскиот музеј најавуваат, објектот ќе биде ограден и пред сè заштитен...

Локалитетот признат од НАСА сè уште чека уредување. Мегалитската опсерваторија Кокино, случајно откриена во 2001-ва година, се повеќе е атрактивна туристичка локација за посетители од земјава и од странство. Годишно ја посетуваат до 10.000 лица. Но оваа природна реткост со години чека институционална поддршка.

Граѓаните бараат да се инвестира во инфраструктурата, а дека е неопходно потврдува и сликата зад мене.

Освен патот, граѓаните укажуваат дека за туристички развој на овој споменик на културата, неопходна е и изградба на музеј, сувенирница, маркет.

„Неопходно е да се огради тој простор, да се направи да има билетарница, чуварска служба, сувенирница и да има поголем интерес за туристите“, вели граѓанка.

„Треба да се уреди, но Македонија не е уредена а не Кокино, не чини, никој не мисли“, нагласува друг граѓанин.

„Нема јас сум бил нема, продавници селски има“, дополни трет.

„Треба да се уреди, туристичко место, одамна направено, од странските држави доаѓаат да го посетат“, истакна граѓанин.

„Ништо не е уредено“, потенцира кумановка.

Изминативе години со поддршка на повеќе странски амбасади, се поставија патокази, информативни табли и веб-страница. Кумановскиот музеј согласно можностите работеше на промоција на оваа природна реткост. Во рамки на прекуграничен европски проект обезбедени се финансии и просторот ќе се огради.

„Целта на овој проект е зачувување на самиот локалитет и да видиме бројот на туристи коишто влегуваат и излегуваат, еден вид контрола на локалитетот. Во моментов е распишан тендер за поставување на оградата“, истакна директорката на Музеј Куманово, Марија Живачки.

Но за изградба на музеј или сувенирница информираат надлежните, неопходна е експропријација на земјиштето. Дотогаш посетителите ќе си заминуваат без сувенир за спомен.

Елена Георгиевска