Мерки за заштита по пожарот во Трубарево
Високи концентрации на тешки метали во воздухот покажа анализата на Министерството за животна средина непосредно по хаваријата во Трубарево. Зголемени концентрации на кадмиум, арсен, олово дишеле жителите на Трубарево и околина. Колкава е штетата на животната средина и што значи тоа за здравјето на луѓето, како да се заштитиме...

Му истекла дозволата, а тој го загади цело Скопје, случајот Трубарево го запали црвеното светло па итно и неодложно формирање на интерсекторска група за справување со сите недоследности, бараат екологистите. Нема кој не знае дека законите на големо се изигруваат.
Во земјава постојат близу двесте фирми за складирање отпад, но дали и како се контролираат веќе и да не е прашање, туку сомнеж, велат за МТВ од „Еко-свест“. А, Европската унија нотира со години наназад дека државата нема оценка за животна средина.
Екологистите повикаа, институциите да излезат со конкретни насоки за рехабилитирање на здравјето после неколкукратно зголемените вредности на отровни материи во воздухот, меѓу кои кадмиумот и арсенот. Штетни за децата, пред сè, но и канцерогени.
Иако штетата е направена, МТВ побара мислење од доктор Докиќ, како да се погрижиме да го омекнеме ефектот од ова загадување. Многу витамини и вода за да го испереме организмот од отровите, меѓу другото препорачува тој.
Еколошката катастрофа од Трубарево беше последната во низата откако гореа депониите во Вардариште и во Дрисла. Извештајот на ресорното министерство само ги потврди сомнежите на скопјани дека има отрови во воздухот.
Фиљана Кока
