Мицкоски: Нема да има предвремени избори
Предизборните програми ги прават последните корекции. Додека тие ги токмат новите ветувања, политичката реторика се вжештува …

Анкетите покажуваат дека ако се одржат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе има убедлива победа, сигурни 62-63 пратеника – порача премиерот Христијан Мицкоски. Оценува дека предвремените избори значат изгубено време за реални проекти. Темата за предвремени избори произлегува од ДУИ, вели шефот на Владата, со цел да собира клиентелистички гласови, А притоа ги лаже своите гласачи дека ќе правеле коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Според премиерот дводецениското владеење на ДУИ придонесе отселување на стотици илјади Албанци од земјата. Според него, ДУИ и СДСМ ја уништија институционалната стабилност и ја доведоа државата на раб на банкрот, апатија и разочарување
„Им порачувам, кај мене како претседател на Владата, а пред сè како човек се важни принципите, а не комбинациите. Не интриги, не политикантство. Престанете да го лажете сопственото гласачко тело. Тоа е нечесно и некоректно кон луѓето кои со години ги манипулирате. Како владејачка коалиција убедливо ќе ве поразиме. Останувате во истата матрица со СДСМ и тоа е трагедија за државата. Глумите партија која се бори за Албанците, a во две децении власт не понудивте ниту еден сериозен проект за албанската заедница. Официјалните податоци покажуваат колку стотици Албанци се иселија токму во вашиот период. На мајките кои си ги испратија децата во странство кажете им што добија од вашето владеење“, изјави Мицкоски.
Според потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми, Владата нема во план уставни измени што би го деблокирале евроинтеграцискиот процес на земјата. Интегративци вината ја префрлаат на коалицијата ВРЕДИ која пред изборите, велат тие, имале други ставови.
ДУИ нема морално право да критикува – ова е одговор на потпретседателот на Владата, Изет Меџити. Кога ДУИ беше на власт имаше шанса, но не направи ништо во тој правец-вели Меџити. Додава дека се на почеток на мандатот и работат на реализација на проектите. Нема потреба од предвремени избори – дециден е Меџити.
„Имаме пред нас скоро три години од мандатот со утврдена програма, проекти и ветувања пред граѓаните. Интензивно работиме на нивна реализација. Владината коалиција едногласно е на став дека нема потреба од предвремени избори зашто тие се непотребни трошоци за граѓаните. ДУИ имаше шанси последните осум години кога раководеше и со МНР, но ни милиметар не ги раздвижи работите во правец на европска интеграција. Затоа нема морално право да критикува или да зборува на оваа тема, а Владата останува посветена и еден од највисоките приоритети е токму европската интеграција“, вели Меџити.
Во меѓувреме првиот вицепремиер се подготвува повторно да седне во градочалничкото столче во општината со која управуваше два мандати. Кампањата за локалните избори почнува на 29-ти септември. Партиите веќе почнаа со промовирање на своите кандидати за градоначалници и советнички листи во општините.
На рекордни 312 листи за кандидати за градоначалници и 575 листи за советници граѓаните ќе гласаат на локалните избори кои ќе се одржат на 19-ти октомври.
Марина Стојанова – Тонева
