Итни законски измени за семејно насилство ќе спречат нови трагедии
Економска поддршка за жените жртви, но и ригорозни мерки за насилниците, бараат познавачите на оваа проблематика. Забраните за пристап велат, не даваат резултати. Потенцираат дека се неопходни итни законски измени...

Итни законски измени, следење на изречените мерки и анализа, е она што мора да се преземе за да се намали семејното насилство и избегнат трагедии. Според познавачите, неопходни се поригорозни мерки, а не само забрани за пристап до жртвата. Неопходна е и економска поддршка, обезбедување покрив над главата, за да жртвата се охрабри и излезе од насилната средина.
„Во европските држави тоа е многу повеќе регулирано, жртвата кога ќе пријави таа веќе има место, ја сместуваат дали во шелтер центар, има и станови за домувања, им се даваат бесплатни станови да можат жртвите да престојуваат, добиваат паричен надомест додека да се вработат, сосема се заштитени од страна на државата, додека кај нас тоа не е така“, вели Лидија Илијевска, хуманитарно здружение „Мајка“ Куманово.
Во советувалиштето и кризниот центар во Куманово, сè поголем е бројот на жените, жртви кои бараат помош. Започнуваат процеси, но потоа се откажуваат, поради недоверба во институциите. Центарот за социјални работи во Куманово од почетокот на годинава до август, регистрира над 60 пријави за семејно насилство.
„Кога ќе излезат од таа насилничка средина, тие немаат услови бидејќи голем дел од нив се невработени, немаат услови каде да живеат, како да опстанат, а најчесто жените со себе ги носат и своите деца, тоа претставува дополнителен трошок, не се во можност да ги реализираат трошоците и затоа остануваат во насилната средина и се случуваат вакви настани во Македонија“, дополни Илијевска.
По кариерното советување, само три жени добиле работно место. Државниот завод за ревизија констатираше дека жртвите најчесто жените, се незаштитени.
Анализите на државниот завод за ревизија покажаа дека во Македонија нема интегриран систем за евиденција на жртвите.
Мал е и бројот на засолништа и советувалишта.
Елена Георгиевска
