Блиски Исток

Велика Британија ќе ја признае палестинската држава

21.09.2025 14:26

Британскиот премиер Стармер денеска попладне ќе издаде официјално соопштение за признавање на палестинска држава. Одлуката на Стармер доаѓа откако Тел Авив не ги исполнувањата за почеток на мировни преговори за крај на војната во Газа. Израел со жестоки реакции по најавата за признавање палестинска држава...

Велика Британија ја признава палестинската држава, откако премиерот Кир Стармер го постави состанокот на Генералното собрание на ОН како рок за Израел да прифати прекин на огнот во Газа и да се обврзе на долгорочен мировен процес што ќе ја обнови можноста за решение со две држави.

„Признавањето на палестинска држава нема да доведе до нејзино постоење преку ноќ, тоа мора да биде дел од поширок мировен процес. Секој чекор за признавање е затоа што сакаме да ги одржиме живи перспективите за решение со две држави“, изјави Дејвид Лами, заменик-премиер на Обединетото Кралство.

Во пресрет на состанокот на ОН, Португалија, Франција, Канада и Австралија најавија дека ќе ја признаат палестинската држава. Шпанија, Ирска и Норвешка тоа веќе го направија минатата година.

„Јасно е дека признавањето на Палестина е предуслов за мир. Утре, претседателот Абас ќе се обрати на мини-самитот во Њујорк за имплементација на двете држави. Голем број држави ќе го прогласат своето признавање. Тоа ќе биде многу важна порака. Пред сè, порака на надеж до палестинскиот народ, за слободна, независна суверена држава. Признавањето на палестинската државност би значело дека Израел нема суверенитет на териториите на нашата држава“, изјави Варсен Агабекијан Шахин, министерка за надворешни работи на Палестина.

Одлуката на Велика Британија да ја признае палестинската држава предизвика критики од САД, Израел, семејствата на заложниците и британските конзервативци. Израелскиот премиер Нетанјаху одлуката претходно ја оцени како „награда за тероризмот“. Во меѓувреме, војната во Газа продолжува. Бројот на жртви расте, а десетици цивили се убиени додека бегале од израелските напади.

„Нашиот шатор беше погоден, шрапнелите стигнаа до нас. Бевме непоколебливи да останеме, но залудно. Проектилите се насекаде, се е на удар“, рече Кифаија Собх, бегалец од Газа.

Додека израелските сили го опколуваат градот Газа, Хамас објави фотографија со 48-те израелски заложници, нарекувајќи ја „проштална слика“ и обвинувајќи го премиерот Нетанјаху за одбивање договор. Семејствата на заробените повикаа на масовни протести во Ерусалим, барајќи прекин на војната и итно ослободување на заложниците.

„Нетанјаху веќе уби 42 заложници избирајќи воен притисок наместо да се стреми кон сеопфатен договор за завршување на војната. Од самиот почеток, Хамас го постави своето барање: крај на војната во замена за ослободување на сите заложници. Нетанјаху, вечниот одбивач, избра да ја саботира секоја можност да ги врати заложниците дома“, изјави Захиро Шахар Мор, внук на израелски заложник.

48 заложници сè уште остануваат во рацете на Хамас во Газа, за кои се верува дека помалку од половина сè уште се живи.

Бојана Крстевски