Засилена партиска реторика пред изборна кампања
Како што се приближува стартот на кампањата за локалните избори, се вжештува реториката меѓу политичките партии. И власта и опозицијата убедени во поддршка од граѓаните...

Засилената негативна реторика е логична пред изборите, сосема очекувано е да има искри меѓу спротивставените политички субјекти – оценува премиерот Мицкоски. Како што вели, тој се обидува да остане над ситуацијата со испраќање смирувачки пораки. Уверен е во изборна победа на коалицијата „Твоја Македонија“ и потенцира дека веќе се подготвуваат за денот потоа. Шефот на Владата е задоволен од работата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, некои од нив ќе се тркаат за втор мандат. Владата е тука да контролира, и да опоменува – порача Мицкоски
„Секојпат кога Мицкоски повторува дека нема да има предвремени избори, тој всушност признава страв од неминовниот пораз што го очекува – и тој и неговиот политички инструмент меѓу Албанците, Вреди“ – порачуваат од ДУИ. Интегративците уверуваат дека „Вреди“ не е изборот на Албанците, туку вазална структура инсталирана од ВМРО-ДПМНЕ, за да ги држи Албанците покорени.
„Албанците нема да дозволат да бидат претставувани од такви политички вазали. Гласот на 19 октомври ќе биде толку јасен што ќе го отвори патот за предвремени парламентарни избори“, стои во соопштението од Мала Речица.
Од „Вреди“ прашуваат, ако ДУИ е единствен легитимен претставник на Албанците зошто на претстојните избори најголемиот број на општини со Албанци ги отстапи на други кандидати со кои коалицира. Дрските лаги кои ги пласираат, ги прикриваат со националните теми кои им се единствената сламка за спас – порачуваат од ВРЕДИ.
Единствените „емисари“ што ги праќаме се оние кои ја носат пораката на народот, а тоа е одговорност за криминалниот картел ДУИ – СДС-одговорија од ВМРО-ДПМНЕ на наводите на Османи дека владејачката партија се обидува да се доближи до ДУИ.
Марина Стојанова – Тонева
