Охрид

Полициска акција против дилерите на дрога

21.09.2025 18:06

Охридската полиција во летните месеци со полни раце работа. За три месеци извршени 29 акциски контроли во чии фокус биле музичките концерти. Интензивната акција на криминалистичката полиција придонесе за намалување на недозволената трговија со дрога за речиси 18 проценти, во споредба со истиот период лани, велат од СВР Охрид...

Летната туристичка сезона со себе носи прекрасни доживувања, многу забави и незаборавни спомени, но заедно со гостите во туристичките центри доаѓаат и криминалците, од кои дел вршат недозволена трговија со дрога. Токму поради тоа криминалистичката полиција при СВР Охрид за три месеци изврши дваесет и девет акциски контроли, при што во фокусот беа концертите, каде што имаше најголем број посетители.

„Пронајдени се триесет и четири лица коишто вршат нелегална трговија со дрога. Имено кај нив се пронајдени различни видови и количина на дрога, почнувајќи од марихуана, марихуана помешана со тутун, хашиш, се до кокаин. Против овие лица навремено поднесени се соодветни кривични пријави“, вели Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид.

Димоски ги отфрла шпекулациите дека полицијата во одредени случаи постапувала селективно.

„Нагласувам дека се работи неселективно. Сакам да напоменам дека воопшто не е важно за кои лица станува збор, кои се нивните родители или на какви работни позиции или функции се наоѓаат. Ќе го потенцирам примерот во текот на август месец кога овде гостуваше една позната естрадна ѕвезда од Србија и непосредно пред настапот полициски службеници одзедоа од него опојна дрога марихуана и се разбира му беше поднесена кривична пријава“, додава Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид.

Интензивните акции на полицијата во текот на летото придонесоа за намалување на кривичните дела од овој вид за 17,6 проценти, споредено со истиот период лани.

Сашо Нелоски