Расте списокот на земји кои ја признаваат Палестина како држава
На Велика Британија, Канада, Австралија, официјално им се придружи и Португалија...

Пред стартот на седницата на Генералното собрание на ОН, расте списокот на земји кои ја признаваат Палестинската држава. На Велика Британија, Канада, Австралија, официјално им се придружи и Португалија.
„Признавањето на државата Палестина, е исполнување на фундаментална, конзистентна и широко прифатена политика“, изјави Пауло Рангел, министер за надворешни работи на Португалија.
Планираното признавање на Палестина од страна на Франција нема да вклучува отворање амбасада сè додека Хамас не ги ослободи заложниците – изјави францускиот претседател Макрон. Израел, со остри реакции-Палестинска држава нема да има-предупреди Нетанјаху.
„Имам јасна порака до оние лидери кои признаваат Палестинска држава по ужасниот масакр на 7 октомври – вие давате огромна награда на тероризмот. Тоа нема да се случи. Нема да има палестинска држава западно од Јордан“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Палестинскиот претседател Абас го нарече признавањето на Палестина важен чекор кон праведен и траен мир. САД, пак, го сметаат за симболичен гест и нагласуваат дека остануваат посветени на сериозна дипломатија.
