Признавање на палестинска држава, Израел со закани
Се погласни најавите дека и други земји вклучувајќи ја и Франција, ќе го следат примерот на првите 4 држави што ја признаа палестинската држава. Тел Авив категоричен-палестинска држава нема да има. САД пак, остануваат посветени на сериозна дипломатија.

Гнев во Израел по растечкиот број земји кои ја признаваат палестинската држава. Му давате огромна награда на тероризмот – коментира Нетанјаху и предупредува дека тоа нема да го дозволи. Тел Авив дури и се закани со контрамерки и анексија на Западниот брег.
„Имам јасна порака до оние лидери кои признаваат палестинска држава по ужасниот масакр на 7 октомври – му давате огромна награда на тероризмот. Тоа нема да се случи. Нема да има палестинска држава западно од Јордан. Одговорот на најновиот обид да ни се наметне терористичка држава во срцето на нашата земја ќе биде даден по моето враќање од САД“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
За Тел Авив признавањето на палестинската држава само дополнително ќе го дестабилизира регионот-велат од израелското министерство за надворешни работи.
„Ова е најдобрата шанса што светот ја имал во последниве децении да го разоружа и изолира Хамас и да обезбеди самоопределување за народот на Палестина. Ова е момент на можност за нациите со добра волја да работат заедно за да ги видат заложниците земени во злосторствата од 7 октомври 2023 година вратени веднаш и со достоинство, да се постигне моментален прекин на огнот и да се стави крај на хуманитарната катастрофа што се нанесува на Газа“, изјави Ентони Албанезе – премиер на Австралија.
По Велика Британија, Австралија и Канада, последна на списокот им се придружи и Португалија, а веќе има најави и за други земји.
„Признавањето на државата Палестина, е исполнување на фундаментална, конзистентна и широко прифатена политика. Португалија се залага за решение до две држави како единствен пат кон праведен и траен мир што промовира коегзистенција и мирни односи меѓу Израел и Палестина“, изјави Пауло Рангел – министер за надворешни работи на Португалија.
На годишниот самит на ОН во Њујорк дополнително се очекува Франција и неколку други земји како Белгија, Луксембург и Нов Зеланд да ја признаат државата Палестина. Макрон изјави дека признавањето од Франција, сепак нема да вклучува отворање амбасада сè додека Хамас не ги ослободи заложниците.
„Палестинците сакаат нација, сакаат држава и не смееме да ги туркаме кон Хамас. Ако не им понудиме политичка перспектива и такво признание. Тие ќе останат заглавени со Хамас како единствено решение. Ако сакаме да го изолираме Хамас, процесот на признавање и придружниот мировен план се предуслов за тоа“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.
Израел и САД ќе го бојкотираат самитот – изјави израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон, нарекувајќи го „циркус“. САД остануваат фокусирани на сериозна дипломатија, а не на симболични гестови-велат од Вашингтон. За палестинскиот претседател Абас признавањето на Палестина е важен чекор кон праведен и траен мир.
Бојана Крстевски
